Состанок на Видерер и Мустафа: Играчите ќе добијат повеќе одмор

Една од најжешките теми кога се во прашање играчите и понатаму зема свој дел од разговорите и во ЕХФ и во ИХФ. Сите сакаат да им овозможат на играчите да ги остварат своите барања, па затоа во седиштето на ИХФ во Базел дојде до средба на која д-р Хасан Мустафа и Михаел Видерер имаа состанок со претставниците на играчите.

На состанокот се најдоа претседателот на здружението на играчите ЕХПУ (Европско ракометно здружение на играчите), Данецот Мајкл Сал Хансен и потпретседателот, Германецот Маркус Ромингер. Од активните играчи претставници беа Уве Генсхајмер (Германија), Микаел Апелгрен (Шведска) и Бо Спелерберг (Данска). Барањата се веќе сосема јасни, а тие се да се најде начин како играчите да добијат повеќе одмор со оглед на тоа што играат голем број на натпревари во текот на една година.

„Со задоволство ги слушаме играчите бидејќи тие се главниот извор на овој спорт. Ја цениме нивната улога и ќе се обидеме да ги заштитиме. Нашата средба со нивните претставници беше многу продуктивна. Раководството на ИХФ и на ЕХФ заедно со ЕХПУ беа во можност да разменат идеи и предлози кои ќе бидат од голема корист за нашиот спорт“, вели д-р Хасан Мустафа.

Ова е почетната фаза во која ќе мора да се редуцира календарот на натпревари, а со тоа и да им се овозможи на ракометарите да добијат многу повеќе денови за одмор односно да добијат шанса повеќе да одморат покрај тешките натпревари со оглед на тоа што календарот станува сè погуст.