Случај „играчот со број 5„: Утврдено е кој е одговорен и МРТ ќе го санкционира уредникот на МТВ2

Коментаторот на Вториот македонски јавен сервис, Мустафа Адеми, кој на преносот помеѓу Македонија и Јапонија воден на МРТ 2 не сакаше да му го изговори името на Стојанче Стоилов најверојатно ќе добие соодветна санкција. Тој во текот на целиот пренос го нарекуваше македонскиот репрезентативец Стојанче Стоилов „играчот со број 5“, без да му го изговори името и презимето

За оваа ситуација се огласија од Македонската радио телевизија и истакаа дека единствениот јавен национален сервис ќе издаде соодветна санкција за оние вработени кои го прекршиле Етичкиот кодекс на МРТ, внатрешните правилници и законите во Република Македонија.

„Македонската радио телевизија е јавно претпријатие со единствен систем на управување. Согласно тоа сакаме да ја известиме јавноста дека ќе се преземат сите законски мерки за санкционирање на однесувањето на некои наши вработени доколку се утврди прекршување на Етичкиот кодекс на МРТ, внатрешните правилници и законите во Република Македонија. За среќа, се уште живееме во држава во која МРТ е едно јавно претпријатие кое ги обединува сите програмски сервиси. Напоменуваме дека сите изјави на вработени на МРТ се нивен личен став, а не став на МРТ како јавен сервис. Нагласуваме дека уредниците на програмските сервиси имаат целосна слобода и автономија во уредувачката политика, но таа секако треба да биде согласно законите и етичките и професионални стандарди. Јавноста набргу ќе биде известена за преземените мерки од овој инцидент. Исто така, апелираме да не се злоупотребува името на МРТ бидејќи во овој случај точно е лоцирана индивидуалната одговорност. Да и посакаме успех на нашата ракометна репрезентација и да се обединиме во нејзините успеси“, изјавија од МРТ.

Останува да се види каков ќе биде текот на настаните по повод оваа ситуација и МРТ да издаде санкција за непрофесиоланлиот однос од уредникот на спортската порограма при Вториот македонски јавен сервис.