Словенија се жали, ЕХФ ги одби, првенството продолжува

По драматичниот натпревар од групната фаза меѓу Словенија и Германија, кој на крајот заврши со поделба на бодовите, 25:25, Ракометниот Сојуз на Словенија упати жалба за судењето од Литванците Мажеика и Гателис. Словенците поставија ултиматум и доколку нивната жалба биде одбиена тогаш има опција и да го напуштат првенството.

Бранувањата почнаа уште пред завршувањето на натпреварот кога судиите почнаа да го разгледуваат спорниот момент околу изведувањето од центар. Прашање беше дали има уште време или не, па судиите од Литванија долго се двоумеа што да досудат.

На крајот пресудија да има пенал за Германија, црвен картон за Благотиншек, а тоа донесе можност за Германците да се изборат за нерешен резултат.

Ова значеше дека од Словенија нема да ја прифатат одлуката на судиите и затоа најавија веднаш дека ќе има жалба. Според информациите постои можност и за ригорозни чекори кои секако ќе сносат последици.