Словенија е стар должник, денеска треба да се наплати со камата!

Македонската репрезентација денеска го игра премиерниот натпревар на Европското првенство во Хрватска. Ова е петто учество на сениорите на континенталниот шампионат, а најдобар пласман досега е петтото место од ЕП во Србија пред шест години.

300x250

Но на стара слава не се живее, па избраниците на Раул Гонзалес се исправени пред голем предизвик. Прва селекција која стои на патот кон втората фаза на ЕП е стариот должник Словенија, против која се имаме радувано само еднаш во пет меча, и тоа токму на ЕП пред шест години.

За среќа, повредите ја одминаа нашата селекција, освен ситната повреда на Немања Прибак, но и тој ќе биде подготвен да истрча на терен во „тепачката“ со Словенците. Вујовиќ исто така остана без квалитени играчи од типот на Габер, Доленец и Медвед, но тука ќе биде Вид Кавтичник.

Македонија одигра два пријателски натпревари, против Саудиска Арабија и против Србија, а славеше и на двата. Словенија се тестираше со Иран и Србија и забележа три победи, па двете селекции дојдоа на ЕП без пораз.

Натпреварот започнува во 19:30 часот, а судии ќе бидат Романците Сорин Лаурентиу Дину и Константин Дин.