Словенечките медиуми пишуваат: Оцвирк доби „отказ“ од Вардар

Неколку недели на тренинзите на Вардар го нема младиот талентиран словенечки репрезентативец Грегор Оцвирк. Тој е во родното Целје, од каде деновиве повторно треба да се врати во редовите на „црвено-црните“ по турбулентниот период за неговата кариера.

Како што пишуваат словенечките медиуми, статусот на младиот словенечки ракометар во Вардар е неизвесен откако спортскиот директор Едвард Кокшаров му поставил ултиматум дека треба да си бара нов клуб во рок од 10 дена, а во спротивно ќе биде суспендиран од управата на Вардар. Заднината на проблемот меѓу најдобриот стрелец од последното младинско првенство и спортскиот директор на ракометниот бренд засега нема официјална потврда. Честото отсуство на Оцвирк поради болест, се споменува како еден од факторите за ваква ригорозна одлука.

Сепак словенецот ги смирува фановите, тој за 24Ракомет истакна дека не е точно дека заминал од Вардар, ниту добил отказ, туку сè уште е дел од составот на поранешниот европски првак. За шпекулациите кои започнаа од словенечките медиуми тој вели:

„Не се вистина таквите шпекулации, имав некои проблеми, но сето тоа е надминато. Јас сум член на Вардар и се враќам во Скопје оваа седмица“, истакна Оцвирк за 24Ракомет.

Новиот талент на словенечкиот ракомет имаше проблеми и со неговиот претходен клуб, Целје. Незадоволен од малата минутажа Оцвирк бараше да замине во друга екипа, а во последен момент, пред почеток на сезоната, Вардар се согласи да го донесе во Скопје.