Словенец во Автокоманда: Александер Шпенде доаѓа на проба во Металург

Откако во осум официјални натпревари во новата сезона, тимот на Металург не успеа да забележи ниту една победа, црвеното светло се запали во Автокоманда. Тренерот Данило Брестовац најави дека тимот ќе се засилува, а првиот ракометар што ќе дојде во вицепрвакот е словенечкиот интернационалец Александер Шпенде.

Станува збор за поранешен кадетски и младински репрезентативен лев бек на Словенија, кој во минатата сезона го имаше првото интернационално искуство во редовите на португалскиот Порто. 

25-годишниот Шпенде има солидни физички предиспозиции. Висок е 197 цм, а тежок 93 кг. Потекнува од составот на Марибор Браник, а во Словенија има играно за Горење Велење, но во ниту еден од овие тимови не бил меѓу главните играчи.

Металург на левата бековска позиција има повеќе решенија, пред се тука е Халил Јагањац, но Брестовац веројатно ќе комбинира со Шпенде на другите бековски позиции. Словенецот најпрво ќе биде на проба неколку денови, по што ќе биде познато дали ќе потпише договор.