Скршен малерот: Рајн Некар и Талески се освојувачи на германскиот Куп

Актуелниот германски шампион -Рајн Некар Левен е победник на Германскиот ракометен куп откако во големото финале славеше над Хановер со 30-26 (13-11).

300x250

Талески и соиграчите одиграа одличен натпревар и конечно во својот четвртти обид успеаа да стигнат до титулата во Германскиот ракометен куп.

Хановер добро го започна натпреварот, по десетина минути игра имаше водство од 3-4, но во наредните десетина минути следуваше црна дупка за ракометарите на Ортега. Тоа го искористи германскиот шампион кој одговори со фантастична серија од 7-0, и во периодот од 10. до 20.минута комплетно го сврте резултатот во своја полза 10-4 (20.минута). Одличен на теренот во тие моменти беше исландскиот десен бек кај Рајн Некар, Петерсон кој постигна пет гола и беше вистински лидер. И кога се чинеше дека тимот на Талески ја има контролата на натпреварот на спротивната страна се разигра естонскиот интернационалец Патраил кој врза неколку погодоци во серија и повторно го врати својот тим во игра. Последните десетина минути комплетно му припаднаа на Хановер кој со двата гола на Патраил замина на полувреме со негатва од само два гола (13-11).

Почетокот на второто полувреме му припадна на Енди Шмит кој постигна четири од петте голови на Рајн Некар во почетните десетина минути. Головите на Швајцарецот го одржуваа тимот на Јакобсен во позитива најчесто помеѓу три и четири голови разлика. На спротивната страна Патраил и Кастенинг се обидуваа да го вратат Хановер во игра но Рајн Некар секогаш имаше одговор. Грецки погоди четвртти пат за враќање на највисоките +6 (26-20),  а до самиот крај германските шампиони ја одржаа сигурната предност за конечни 30-26.

Најпрецизен во редовите на Рајн Некар Левен беше Шмит со осум гола, а Грецки  постигна два помалку.  Македонскиот интернационалец Филип Талески не се запиша во листата на стрелците. Во составот на Хановер  најпрецизни беа Патраил, Кастенинг и Хефнер кои постигнаа по шест погодоци.