Скандал во Порто: Домаќините не резервирале хотел, па Охрид чекал 6 часа на улица!

Ракометарите на Охрид преживеале вистинска голгота во португалскиот град Порто. Нивното патување кон Португалија за двомечот од второто квалификациско коло во Купот на ЕХФ, траеше повеќе од 24 часа.  „Гладијаторите“ својот пат до Порто го започнаа во средата на полноќ, откако се упатија со автобус од Охрид до Белград, каде имаа можност да одморат неколку часа, пред да се качат на летот за Цирих. По пристигнувањето во швајцарскиот град, уште малку одмор и имаа ново прекачување, за конечно да се упатат до Порто, каде пристигнаа синоќа околу 21 часот.

Тоа се вкупно 21 час минати во патување, и кога охриѓани мислеа дека ги чека одмор, следуваше шок. Комплетната експедиција на Охрид, стручниот штаб и ракометарите, се упатиле кон хотелот каде требаше да бидат сместени, но таму им било кажано дека нема никаква резервација за нив и дека нема слободни соби.

По неколку часа чекање и интервенции кај домаќинот, кој патем ги презема сите обврски околу организацијата на патувањето, сместувањето и натпреварите, сепак ништо не се случи. Охриѓани го пријавиле сето ова во Европската ракометна федерација и се очекува санкција за Порто. Патем никој од домашните не се појавил на аеродром да ги пречека гостите, како што доликува на европски клуб од калибарот на Порто.

Сепак после полноќ, кога некој од домашните конечно се смилувал да одговори на повиците на охриѓани, ракометарите и стручниот штаб се сместени во преноќиште надвор од градот, но домаќинот ветил дека ќе најде добро сместување за следните две ноќевања. Тренингот што требаше денеска да се одржи, е октажан, поради тоа што ракометарите се истрошени од речиси 24 часовниот пат плус чекањето во Порто.

Двата меча меѓу Охрид и Порто ќе се играат утре и задутре со почеток во 16 часот. Дали домаќинот се исплаши од македонскиот претставник, па се служи со ниски удари, останува да видиме. Некоректниот однос на странските екипи кога гостување тимови од Македонија не е непознат. Сите ги паметиме примерите на гостувањата на ракометарките на ТК Бренд кај Рандерс во Данска, на ракометарите на Пелистер кај Скјерн, и ред други примери. Како на овој скандал во Порто ќе реагира ЕХФ останува да видиме.

One Response

  1. Скандал во Порто: Домаќините не резервирале хотел, па Охрид чекал 6 часа на улица! | Спорт М

    […] Ракометарите на Охрид преживеале вистинска голгота во португалскиот град Порто. Нивното патување кон Португалија за двомечот од второто квалификациско коло во Купот на ЕХФ, траеше повеќе од 24 часа.  „Гладијаторите“ својот пат до Порто го започнаа во средата на полноќ, откако се упатија со автобус од Охрид до Белград, каде имаа можност да одморат неколку часа, пред да се качат на летот за Цирих. По пристигнувањето во швајцарскиот град, уште малку одмор и имаа ново прекачување, за конечно да се упатат до Порто, каде пристигнаа синоќа околу 21 часот, пишува 24 ракомет. […]