Скандал во Данска, Питлик им забрани на ракометарки на Оденсе да останат трудни!?

Данскиот стратег Јан Питлик е во центар на данската јавност откако на понеделничкиот тренинг им соопштил на своите ракометарки дека нема да толерира доколку уште некоја ракометарка остане трудна додека е под договор со клубот Оденсе. Неговата реакција следува откако дури три ракометарки оваа сезона заминаа на трудничко боледување.

На утринскиот тренинг во понеделникот тој свикал состанок во кој ја искажал неговата загриженост и фрустрираност од состојбата во која се наоѓа клубот поради трудничките боледувања. Веста која ја пренесе ТВ2 бргу одекна, а ја потврди и директорот на данската асоцијација на ракометари Михаел Сал Хансен кој истакна дека е информиран од играчите за оваа изјава на нивниот тренер Питлик и потенцираше дека тоа се коси со законите за родова еднаквост под која подлежи и ракометната федерација на Данска.

Питлик доби поддршка од раководството на клубот кое во попладневните часови направило зеднички состанок со играчите и тренерот во обид да се расчисти настанатата ситуација. Но реакциите на ракометната јавност во Данска не стивнуваа, откако националната телевизија на својот веб сајт го објави ставот на тренерот на Оденсе. Токму затоа во средата вечер Питлик гостуваше во дневникот на јавниот сервис ТВ2 во обид да ги расчисти сите дилеми околу неговото однесување.

– Не можам да потврдам дека тоа така сум го кажал. Сигурно не сум ја искористил таа формулација на зборови. Она што го кажав е дека сметам дека е фрустрирачка ситуацијата во која се наоѓаме. Мислам дека некои од девојките не разбраа што сакав да кажам. Навистина жалам поради тоа. Но никогаш не кажав дека е неприфатливо ракометарка да биде трудна. Немам ништо против бременоста на ракометарките,тоа е право на жената и јас го почитувам во целост.

– Она за што дискутирав е дека потпишуваме договор со ракометарка на три години и по три месеци таа е трудна. Така не можеме да функционираме како клуб, затоа е важно да се отвори дебата и да бидеме искрени од самиот почеток за такви работи. Тогаш се запрашуваш „Дали била трудна додека потпишувала договор и какви и се амбициите да игра во данската лига?“ Ако ракометарка ми каже дека сака да има дете во наредните три години, мислам дека заедно би нашле некакво решение.“- заврши Питлик.

„Бејбибум“ во екипата на Оденсе од минатата година зафати дури 10 ракометарки. А дел од главните алки на кои се потпираше тренерот Питлик оваа сезона Сузан Торогард, Сузан Мадсен и Стине Свангард се одлучија за принова во семејството токму оваа година.