Скандалозно: Поранешен играч на Металург и Вардар го „смени“ црногорскиот селектор Обрадовиќ

Во пресрет на квалификациските дуели против Шведска и Русија, црногорската ракометна репрезентација ја тресат скандали. Селекторот Љубомир Обрадовиќ, кој е поранешен тренер на Вардар, поднесе оставка поради конфликтот што го имал со поранешниот ракометар на Вардар и на Металург, Стеван Вујовиќ.

Имено, Вујовиќ го прекинал тренингот на неговата репрезентација барајќи образложение од селекторот зошто не е повикан во тимот. Со него на тренингот упаднале и братот на поранешниот ракометар на Металург Владан Липовина, Вукан, како и трето непознато лице. Тренингот по упадот на трите лица бил продолжен, но по неговто завршување Вујовиќ бил упорен и барал од селекторот да му објасни зошто го нема на списокот, а ниту Липовина и голманот на Кристијанштад Небојша Симиќ. Разговорот бил на висок тон, била повикана и полиција, иако немало потреба да се интервенира. Само еден час подоцна, Обрадовиќ си поднел оставка од селекторската функција, што беше потврдено со соопштение од Ракометниот Сојуз на Црна Гора.

„Ракометната Федерација на Црна Гора е шокирана од постапките на поранешниот репрезентативец Стеван Вујовиќ, кој заедно со Вукан Липовина (братот на Владан) и со трето непознато лице на вандалски начин го прекинаа тренингот на репрезентацијата. Се што се случуваше за време на тренингот ќе биде пренесено до надлежните државни органи. Со жалење констатираме дека по инцидентот селекторот Обрадовиќ поднесе оставка, а и самите ние сме запрепастени од постапките на поранешниот репрезентативец. Нема да дозволиме играчи да ни менуваат селектор ниту пак улицата да одредува кормилари на националните селекции. Им се заблагодаруваме на Милорад Давидовиќ и на Петар Каписода, кои заедно ќе ја водат репрезентацијата на мечевите со Шведска и со Русија.“ – се вели во соопштението.

Вујовиќ беше подолго време во националниот тим, но не беше повикуван од баражот со Белорусија за СП во Катар. Оттогаш го нема ниту Небојша Симиќ, а Владан Липовина по јунскиот меч со Русија во Москва, најави дека нема да игра за репрезентацијата додека Обрадовиќ е селектор.

One Response

  1. Ова го има само на Балканот: Напушти селекторско место поради закани од родител | 24 РАКОМЕТ

    […] сениорите, Љубомир Обрадовиќ, кој поднесе оставка по напад на дел од ракометарите кои не биле на список, така и Абрамовиќ си заминува од селекторското место […]