Симовски демантира: Немам понуда ниту размислувам да бидам помошник

Селекторот на женската репрезентација на Македонија, Симе Симовски во минатата сезона беше и на клупата на Вардар јуниор каде настапуваа млади ракометарки кои беа перспектива на македонскиот ракомет и кои имаа добри резултати. Сепак, екипата нема да се натпреварува во следната сезона и Вардар ќе има само една екипа.

300x250

Оттаму се постави прашањето каков ќе биде идниот ангажман на Симовски на клупски план. Некои информации кои протекоа во јавноста велат дека тој би требало да се најде во новиот стручен штаб, но Симовски демантира дека има добиено понуда да биде помошник.

„Сакам да ја демантирам информацијата дека во следната сезона ќе работам како помошен тренер во тимот на Вардар. Немам добиено понуда да бидам помошен тренер, а после 25 години работа не ни размислувам да имам таква улога. Точно е тоа дека уште не сме договорени и треба да имаме состанок, но после она што го имам сработено во минатите години работа на теренот таква опција не е во игра за натамошниот дел од мојата кариера“, вели Симовски во изјава за 24 Ракомет.