Сикошек за 24Ракомет: Досега го гледав Стоилов на ТВ, а сега ќе учам од него!

Во претстојната сезона во европскиот првак Вардар, покрај Стојанче Стоилов и Сергеј Горпишин, на позицијата кружен напаѓач ќе игра и 21-годишниот словенечки интернационалец Домен Сикошек Пелко.

Во кариерата Сикошек Пелко има настапувано во тимот на Брежице каде ја почнува кариерата за младинските категории. Потоа беше дел од Кршко и Добова, а дел од кариерата мина и во Тримо Требње, од каде што потекнува Сташ Скубе. Таму не доби соодветна минутажа па реши да замине во странство, во австрискиот второлигаш Брик. Во Австрија се пронајде себе и беше еден од најдобрите поединци и стрелци.

„По одличната сезона во Австрија ме побараа повеќе клубови, меѓу нив во последниот месец и Вардар. Бидејќи за секој играч е чест да се игра за европскиот шампион, со менаџерот одлучивме да дојдам во Скопје и едвај чекам да заиграм за Вардар“, вели Сикошек Пелко за 24Ракомет.

Во претстојната сезона младиот кружен напаѓач ќе дебитира во Лигата на шампионите.

„Оваа ситуација за мене ќе биде нова, но во истовреме и голем предизвик. Ќе дадам максимум од себе да помогнам на екипата најдобро што можам. Каква ќе биде мојата улога во екипа секако дека зависи од тренерот, па тоа ќе биде појасно во текот на сезоната. Како и секој играч, така и јас посакувам да имам значаен удел во играта на Вардар“, продолжува Сикошек.

Сите словенечки интернационалци во нашиот тим оставале одличен впечаток. Прво Миладин Козлина, па Матјаж Брумен, сега Сташ Скубе, а ќе видиме што ќе се случи со Сикошек Пелко.

„Со Скубе се уште не сум разговарал, бидејќи не се познаваме лично. Од ракометните кругови во Словенија знам дека е добра личност, па сигурен сум дека ќе ми помогне во адаптацијата во новиот клуб“, вели Сикошек.

Друштво на линијата ќе му прават капитенот Столе Стоилов и рускиот интернационалец Сергеј Горпишин.

„Играта на Стоилов добро ја знам, бидејќи многу пати го гледав на ТВ. Сигурен сум дека од него можам многу да научам, бидејќи е одличен играч со многу знаење и искуство. Отсекогаш сум ги сакал таквите играчи, големи борци, кои не се предаваат до крајот на натпреварот. Едвај чекам да заиграме заедно со Столе. Горпишин не го познавам добро, но штом доаѓа во Вардар кој е актуелен европски првак, со сигурност станува збор за квалитетен ракометар“, заврши Сикошек Пелко во краткиот разговор за  24Ракомет.

Вардар ќе ги започне подготовките на 24 јули, а тогаш Домен Сикошек ќе се запознае со новиот тренер и новите соиграчи.