СЕ СЕЌАВАТЕ ЛИ НА НЕА: Каде е и што прави некогашната ракометарка на Кометал – Лариса Кисељева

Ракометарката која остави голема трага со игрите во редовите на Кометал Ѓорче Петров, но и во репрезентацијата на Македонија, Лариса Кисељева веќе неколку дена е во посета на Македонија и на своите поранешни колешки со кои мина неколку убави сезони и во клубот и во репрезентацијата.

Во 2017 година после девет години пауза дојде во Скопје, тогаш на прославата на 15 години од титулата која Кометал Ѓорче Петров ја освои во Лигата на шампионите. Деновиве таа е одново во Скопје и одново заедно со своите колешки. Беше во СЦ „Јане Сандански“ на дел од средбите на Светското првенство за кадетки така што и понатаму не може без ракометот.

„Скопје е изменето, но сите мои пријатели од времето кога настапував тука се овде. Дојдов во Скопје на гости кај Индира, за да прошетаме, да се дружиме, да се видиме, да поразговараме“, вели Кисељева за 24 Ракомет.

Таа во моментов работи во Ростов и како професорка, но и како тренер. Вели дека играњето на ракомет не и недостига, бидејќи и понатаму е активна во овој спорт.

„Во моментов работам како професорка на Универзитетот во Ростов. Таму полагав и таму работам веќе десет години. Играњето ракомет не ми недостига, но не можам без овој спорт. Постојано го следам и знам што се случува и што е ново. Покрај тоа што сум професорка, јас сум и тренер на машката селекција на факултетот каде што работам“.

Воедно вели и дека не пропушта натпревари на тимот на Ростов, но и на Вардар во Лигата на шампионите.

„Следењето на натпреварите на Ростов е задолжително. Постојано ги гледам девојките. Секако секогаш имам време да ги гледам и натпреварите на Вардар така што добро знам што се случува секогаш“, рече Кисељева за 24 Ракомет.

Таа беше една од најдобрите и најзаслужните што Кометал Ѓорче Петров во 2002 година стигна до титулата во Лигата на шампионите. Поради тоа истата година ја доби наградата 13 Ноември и беше прогласена за Спортист на Скопје.

Секако треба да се знае и тоа дека нејзината ќерка Суна е родена во Скопје, а кога имала три години тие заминале во Русија, а во 2017 година првпат го виде градот во кој е родена.