Се раѓа нов амбициозен проект: РК Бутел Скопје ќе ја освојува Македонија

На македонската ракометна мапа се создава нов амбициозен проект. Се работи за тимот на Бутел Скопје, кој во претстојната сезона ќе биде дел од Првата Лига под капата на РФМ. Клубот што и во минатото постоеше сега ќе воскресна со цел да донесе ракометна радост во скопската општина.

Амбициите и единствена цел во првата сезона ќе биде влез во Суперлигата, а за следните сезони раководните луѓе на Бутел Скопје веќе имаат големи планови со новиот тим, кој би требало да е конкурентен на Металург, Еурофарм Работник, Охрид, Пелистер…

Реномирана македонска компанија ќе стои зад овој проект, а поранешниот ракометар на Пролет, Александар Стефанов ќе биде дел од раководството.

До крајот на неделава ќе се обелоденат имињата на тренерот и на првите играчки засилувања. Станува збор за неколку проверени суперлигашки имиња, со големо искуство дури и во европските купови со екипите на Пролет, Металург…кои треба да го понесат главниот товар низ дуелите во Првата Лига  да му обезбедат пласман на Бутел Скопје место во најквалитетната конкуренција.