Се подготвуваат нови засилувања од Русија: Две екстра ракометарки на „црвено-црниот“ радар

Женскиот состав на Вардар од следната сезона нема да смета на услугите на Александра Лакрабер. Француската репрезентативка ќе се врати дома, конкретно во тимот на Флери Луар. Што остава простор за нови ракометни имиња во „црвено-црниот“ состав. Како што дознава 24Ракомет, највисоко на листата желби кај македонскиот шампион се руските репрезентативки централниот(лев) бек Дарија Дмитриева и десното крило(бек) Ана Вјахирева. Преговорите се уште не се започнати, но веќе е најавено присуството на нивните менаџери во Скопје на почетокот на декември.

300x250

Дмитриева има само 22 години и веќе е главен играч во националниот тим предводен од Трефилов. Таа потекнува од тимот на Лада Толјати, мина шест сезони во дресот на Динамо Волгоград, пред повторно да го облече дресот на матичниот клуб пред две години. Иако беше во комбинација и претходно за вардаровиот дрес, сепак се чини дека сега е вистинско време за потписот на средниот бек.

Ана Вјахирева е помладата сестра на Полина Кузнецова, која веќе го носи „црвено-црниот“ дрес. Таа настапува за Ростов Дон на десната крилна позиција, а може да игра и на позицијата десен бек. Сезонава во Лигата на шампионите, 22-годишната Вјахирева игра одлично и на сите дуели од групната фаза постигнуваше голови. Таа потекнува од Звезда Звенигород, а две сезони играше и за Астраханочка, пред да дојде во Ростов Дон.

Вардар сезонава нема пораз во Лигата на шампионите и првата фаза ја заврши со 6 победи на 6 натпревари.