Се оствари црното сценарио: Одорхеи не постои повеќе!

За жал веќе е официјална информацијата дека Одорхеи веќе нема да постои. Иако до пред неколку дена имаше надеж дека романскиот клуб каде што играа многу македонски играчи, во прв ред Горан Кузмановски, кој стана икона на клубот, барем ќе ја доигра сезоната, сепак нема да биде така.

Спонзорот на овој клуб, 63-годишниот Атила Верестој, почина пред шест дена, па Одорхеи остана без главниот финансиер. За разлика од повеќето романски клубови, Одорхеи беше тим кој не беше спонзориран од Општината. Оттаму, ракометарите беа информирани дека нема да одвојуваат средства за нив, па слободни се да си бараат нови средини.

Тренер на Одорхеи беше поранешниот селектор на Македонија и тренер на Вардар, Драган Ѓукиќ, а таму играа и Милош Драгаш, Антонио Ковачевиќ, Максим Салдаценка, Максим Баранов, Ѓорѓе Голубовиќ, Урош Виловски…

Поранешниот македонски репрезентативец Кузмановски, цели 7 сезони настапуваше за Одорхеи и стана икона кај романските навивачи. Плејмејкерот потекнува од ТК Бренд, играше и за Вардар, Металург, Пролет, Мадеира и Трелеборг. Тој најверојатно кариерата ќе ја продолжи во некој од романските тимови.

„Во Одорхеи поминав седум години. Тоа беше мојот дом. Овој настан ме погоди многу, навистина жално е што романскиот ракомет остана без еден од своите поддржувачите, без еден од најдобрите клубови. Планирам да ја продолжам кариерата во Романија, но во клуб, ќе се знае за неколку денови.“ – изјави Кузмановски за 24Ракомет.

Покрај Кузмановски, дресот на Одорхеи го носеа и Стојанче Стоилов, Митко Стоилов, Лазо Мајнов, Гоце Ојлески и Милорад Кукоски.