Се зголемува босанската колонија во Полска: Марко Паниќ потпиша за Азоти Пулави

Босанскиот интернационалец, Марко Паниќ  потпиша тригодишен договор со амбициозниот полски тим, Азоти Пулави. Откако екипата на Шамбери се реши да да го доведе тунискиот репрезентативец Амир Банур, Паниќ одлучи да си замине од Франција и кариерата ќе ја продолжи во тимот на Азоти. 25-годишниот десен бек во  полскиот состав  доаѓа како замена за Рафал Пржбилски кој потпиша договор со екипата на Тулуз. Покрај него, во Азоти игра и левиот бек од Босна, Никола Прце, па ќе има и репрезентативен соиграч во полскиот тим.

Паниќ кариерата ја започна во босанскиот тим Јајце, а потоа направи трансфер во тимот на Борац Бања Лука, каде имаше одлични настапи во европските купови. Во 2012 се пресели во Шамбери каде тренер е поранешниот селектор на Македонија, Ивица Обрван. Една од главните карактеристики на Паниќ е тоа што подеднакво добро шутира со десната и левата рака. Десниот бек е дел и од босанскиот национален тим, за кој има одиграно 32 натпревари и постигнато 44 гола.

Б.Ф./Д.А.