Се зголемуваат шансите за Металург и Еурофарм: Бешикташ нема да игра во Лигата на шампионите!

Повеќекратниот турски шампион Бешикташ, каде што четири сезони играше и македонскиот репрезентативец Немања Прибак, нема да игра во следната година во Лигата на шампионите. Финансиската криза си го стори своето, Бешикташ иако беше на пријавната листа во ЕХФ, сепак се откажа од елитното натпреварување.

Сега има вкупно 34 екипи кои се пријавија за Лигата на шампионите, а ЕХФ утре треба да ги соопшти оние 28 кои ќе добијат шанса. Покрај турската екипа, веројатно ниту шампионите на Исланд и Луксембург нема да добијат шанса за настап, а тешко за верување и дека за четири екипи од Франција ќе има место.

Шансите не се изгледни ниту за норвешкиот Арендал, како ниту за шпанскиот вицепрвак Бидасоа Ирун, па веројатно е дека некој од нашите апликанти Металург или Еурофарм Работник ќе добијат можност да бидат дел од Лигата на шампионите.

Сепак кога е во прашањеЕХФ, многупати сме биле сведоци на менување критериуми во последен момент, па сето ова треба да се земе со резерва и да се почека до утре, кога и официјално ќе бидат објавени сите екипи што ќе бидат дел од Лигата на шампионите следната сезона.