СЕХА од септември без Веспрем, а со два претставника на Србија!

Извршниот комитет на СЕХА Гаспром лигата на состанокот одржан на 6ти јули ја усвои листата на учесници во регионалното натпреварување за следната година. Најголема промена ќе биде отсуството на унгарскиот првак Веспрем, кој ја напушта СЕХА по три години, а во регионалното семејство повторно ќе се приклучат два српски претставника. По една година во СЕХА ќе го гледаме првакот на Србија- Војводина и Динамо од Панчево, за сметка на босанскиот претставник Извиѓач кој настапуваше минатата сезона. Листата учесници е затворена, а првиот натпревар од СЕХА календарот ќе се одигра на 29ти август.

Вардар е бранител на титулата и како огромен фаворит ќе влезе во седмата сезона на ова натпреварување, а покрај „црвено-црните“, Македонија ќе ја претставува и скопски Металург. Останатите екипи ќе бидат идентични како и минатата сезона.

Учесници во СЕХА лигата за сезона 2017/2018:
РК Целје Пивоварна Лашко (СЛО)
РК Динамо Панчево (СРБ)
РК Горење Велење (СЛО)
РК Мешков Брест (БЛР)
РК Металург (МКД)
РК Нексе (ХРВ)
РК Татран Прешов (СЛВ)
РК Вардар (МКД)
РК Војводина (СРБ)
РК ППД Загреб (ХРВ)

Иако веќе одамна беше познато дека Веспрем ќе ја напушти СЕХА лигата поради густиот календар и финансиски поволниот договор со националната лотарија на Унгарија, сепак не се исклучува повторно да го видиме унгарскиот тим во регионалното натпреварување, но најрано од  сезоната 2019/2020.