Сент Рафаел го фрли на колена Монпелје, титулата ќе се решава во последното коло

Ракометарите на Сент Рафаел го запреа лидерот во Франција, екипата на Монпелје совладувајќи го со резултат 26-25 (12-13) . Со овој пораз Монпелје си ја искомпликува ситуацијата во борбата за титулата во Франција, која ќе биде решена во последното коло во кое Монпелје и ПСЖ ќе влезат со ист број бодови.

Финалистот на штотуку завршениот Ф4 на Ехф купот, екипата на Сент Рафаел одлично го започна натпреварот и со погодоците на Сармиенто, Вињерон и Кашету поведе со 3-0 по шест минути игра.  Цели седум минути му беа потребни на лидерот во Франција да го постигне првиот гол на натпреварот кој беше дело на Гигу од пенал. Домашниот состав успеваше да го одржи водството до 12.минута кога имаше предност од 6-4, но од тој момент гостите ја преземаа иницијативата.  Најпрво Бонефонд и Порт беа прецизни за израмнуваење 6-6, а по една одлично реализирана контра Мелвин Ричардсон го донесе првото водство за Монпелје од 6-7 во 15.минута. Во втората половина на првиот дел се играше израмнето, а Монпелје преку расположениот Порт успеваше да ја задржи предноста која на полувреме изнесуваше минимални 12-13.

Второто полувреме не донесе драстична разлика на теренот. Монпелје диктираше темпо но не доволно за порано да го реши прашањето за победникот на овој натпревар. Ракометарите на Патрис Канаје создадоа позитива од три погодоци на стартот на второто полувреме 14-17, но тоа траеше многу кратко бидејки Сент Рафаел со погодоците на Кашету, Абили и Дипанда израмни на 17-17 и го врати натпреварот на самиот почеток. Монпелје мораше многу да работи на теренот доколку сака да извојува злато вредна победа која ќе го доближи на еден чекор до титулата во Франција. Во продолжението Монпелје најчесто имаше предност помеѓу еден и два погодоци, но Каралек со својот втор гол успеа да израмни на 21-21 во 50.минута, најавувајќи драматична завршница. Следуваа погодоци на Кавтичник и Симонет за 21-23 по кои се чинеше дека Монпелје ќе се приближи на чекор до победата и титулата во Франција.  Но така не мислеа упорните ракометари на Сент Рафаел кои одговорија со серија од 3-0 која ја започна и ја заврши Абили за водство од 24-23 на три минути до крајот. Кавтичник петти пат ја затресе противничката мрежа за израмнување 25-25, по што следуваше тајм аут за Сент Рафаел на четириесетина секунди до крајот. Херојот на Сент Рафаел денеска, Абили повторно го совлада Жерар за ново водство од 26-25 по што Кабаје беше принуден да повика тајм аут по кој остануваа уште петнасетина секунди за Монпелје да се спаси од пораз. Порт не успеа да погоди во последните секунди што беше доволно за победа на екипата на Сент Рафаел, и вистинска драма во трката за титулата во Франција.

Најпрецизен во составот на Монпелје беше Валентин Порт со осум голови. Во екипата на Сент Рафаел, Даниел Сармиенто  шест пати ја затресе противничката мрежа.