Селка со трофејот од првиот турнир „Боро Чурлевски“

Со константна игра во текот на сите 60 минути и контрола на резултатот особено во второто полувреме екипата на Селка успеа да се избори за трофејот на првиот Меморијален меѓународен турнир „Боро Чурлевски“.

Селка славеше во финалето над Олимпијакос со 31:25 во игра која наликуваше на средба од европските купови. Имаше големо надигрување, борбеност, дуели како да се работи за првенствени бодови или за меч од кој се решава патот во следната рунда од натпреварувањето.

Уште од стартот се влезе во таков ритам и постојано се одеше кон гол повеќе. Селка тргна во мечот со голот на Никола Костески, а Олимпијакос веднаш израмни. Неколку минути добра игра во напад придонесоа во 8. минута предноста на Селка да биде 4:1. Овие три гола се одржуваа долго во мечот.

Грците се вратија дури во 18. минута кога намалија на 7:6. Тука успеаја да се одржат во еден период на гол негатива, а потоа во 28. минута и да израмнат на 11:11. Потоа со добра одбрана да стигнат и до погодок за водство до 12:11 со кое се замина на одмор.

Само што почна вториот дел од средбата тимот на Селка израмни, а веднаш потоа и дојде до гол за водство. Оваа предност од гол се чуваше до 15:14, кога следуваа десет минути во тимот на Селка одлично го чуваше својот гол и во исто време ја зголемуваше предноста. Во 43. минута стигна до највисоките седум гола и имаше 21:14.

Тука Олимпијакос преку Цирас дојде до 21:17 на 15 минути до крај од дуелот. Најмногу во што се успеа беа три погодоци при 26:23 во 54. минута, но повеќе од тоа не се можеше. Селка знаеше како да се врати веднаш на сигурни четири до пет гола разлика така што на крајот сосема заслужено дојде до трофејот на првиот Меморијален меѓународен турнир „Боро Чурлевски“.

СЕЛКА – ОЛИМПИЈАКОС            31:25 (11:12)

Сала: „Боро Чурлевски“ во Битола. Гледачи: 1000. Судии: Димитар Митревски и Благојче Тодоровски од Битола. Делегати: Јован Василев и Сашо Јанкуловски од Битола.

СЕЛКА: Гоктепе (4 одб., 1 сед.), Демир (4 одб.), Насиров 5, Пектас, Тодоровиќ 4, Али Тинкир 3, Угур 1, Костески 3, Острушко 6, Григориев 2, Ероз 1, Канероглу, Јабалах 5.

Седмерци: 2/2, Исклучувања: 12 мин.

ОЛИМПИЈАКОС: Арсиќ (1 одб.), Цилимпарис (5 одб.), Критикос  5, Цирас 8, Карампоурниотис 1, ТОнијацо, Хименез 2, Терлецки, Авестас, Пападопулос, Кандилас 3, Саникис 1, Бубало 2, Контис, Лијапис, Араокопулос 1, Цилис 2.

Седмерци: 3/4, Исклучувања: 18 мин.