Селка на Костески убедлива против финскиот шампион

Првиот натпревар од вториот ден на Меморијалниот турнир „Боро Чурлевски“ во Битола заврши со победа на составот на Селка од Турција. Ракометарите на овој тим беа подобри од шампионот на Финска, Римаен Кокс со 31:23.

Селка го доби натпреварот уште во првото полувреме кога одигра одлична средба. Дојде до предност од 17:9 и овие осум погодоци беа повеќе од доволни во продолжението да се избори триумф со што утре против Бутел ќе се бара шанса за пласман на 1. место во групата и место во финалето.

Финците во вториот дел беа рамноправен противник, па вторите 30 минути беа сосема израмнети. Во нив резултатот беше 14:14, но првото полувреме беше решавачко и ја донесе одлуката околу победникот на средбата.

Костески имаше одлична партија особено на почетокот на средбата кога беше еден од виновниците што Селка брзо создаде висока предност и дојде до шанса за мирно продолжение на натпреварот.