Селка го надигра Бутел и донесе македонско дерби за 5. место

Ракометарите на Бутел Скопје издржаа 25 минути против Селка во кои имаа и постојано водство, но во останатиот дел од средбата гостите од Турција беа тие кои го диктираа темпото и успеаја да стигнат и до втората победа со што си обезбедија финале на Меморијалниот турнир „Боро Чурлевски“.

Селка на крајот славеше со резултат 38:34, а победата беше обезбедена со подобра игра во вторите 30 минути. Во овој период Бутел не можеше да следи, а на теренот имаше и преголема нервоза при која имаше и неколку остри стартови.

После десетина минути игра, Бутел имаше предност и покажа дека има решение за играта на противникот. Ваквиот ритам беше мало изненадување и најави добар епилог, но како одминуваше времето така почна да паѓа и ритамот. Имаше грешки на двете страни, а Селка успеа да израмни во 25. минута на 16:16. Веднаш потоа следуваа уште два гола и целосен пресврт, па на одмор Турците заминаа со 18:20.

Уште во првиот дел Бутел остана без првиот огранизатор на играта Печенковски, кој се судри со противнички играч, па после ударот во глава мораше да се повлече од теренот.

После двата гола на одмор во второто полувреме работите се сменија. Селка почна да зголемува и постојано да биде на плус од 5-6 гола. Тука Бутел Скопје не можеше веќе да фати приклучок, па беше прашање само на разликата со која ќе финишира средбата. На крајот беше 38:34 што беше доволно за пласман во финалето каде ќе се соочи со Олимпијакос.