Селекторот на Македонија ќе биде помошен тренер?

Кога ќе се стане селектор, тоа е голем исчекор во кариерата на еден тренер. И тоа значи дека е зрел за водење на национален тим и на екипа. А потоа кариерата оди во нагорна линија, или барем на исто ниво. Но, тоа не е случај со селекторот на женската сениорска репрезентација на Македонија. Симе Симовски во иднина веројатно ќе биде помошник, и тоа на поранешна репрезентативка.

300x250

Вицешампионот на Европа, Вардар во следната сезона нема да има квалитетен тим како што беше случај во последните години, па дури ќе има и далеку послаба екипа. Плановите се во екипата да играат девојчиња од генерацијата 2002/2003, а уште нема прецизни информации кој ќе се најде на тренерската позиција.

Како што 24Ракомет веќе информираше прв кандидат за оваа позиција е Драгана Ристова (Пецевска), која и досега беше тренер на генерацијата 2002/2003. Таа би требала заедно со девојчињата од кадетскиот состав да се префрли во првиот тим и во следната сезона да се борат за што подобар пласман во домашното првенство.

Останува да се види што ќе се случи со актуелниот селектор на Македонија и минатата сезона тренер на Вардар јуниор, Симе Симовски. Од она што 24 Ракомет го дознава тој има понуда да работи во стручниот штаб на Вардар односно има добиено понуда да биде помошник на Драгана Ристова.

Засега уште нема договор и сè би требало да биде познато во текот на следната седмица, но како што стојат работите може да се очекува Ристова и Симовски да бидат предводници на новата генерација на вардарки од кои главното ќе се очекува за 2-3 години.