Селекторот на Грузија ќе ја предводи „Струга“ во наредната сезона

Новиот ракометен суперлигаш, РК Струга во наредната сезона ќе влезе со нов стручен штаб и поинакви амбиции. Управата на клубот, предводена од претседателот на клубот Наумче Мојсовски постигна договор со македонскиот стратег Андон Бошковски, кој треба да ја преземе тренерската палка во тимот. Ова е второ засилување во стручниот штаб, откако клубот го промовираше новиот спортски директор Ристе Калајџиоски.

Актуелниот селектор на Грузија, Бошковски, веќе добил зелено светло од тамошната федерација и повеќе нема пречки за негова промоција во новиот клупски предизвик.

Градот на Дрим важи за најголем расадник на ракометни таленти, а токму тоа и ќе биде насоката по која ќе се движи новото раководство на клубот. Целта е да се вратат стружаните во својот матичен клуб и полека да се продолжи создавање на нови генерации млади и талентирани ракометари. Поранешниот стратег на Металург, Вардар и Е. Работник сега ќе има нова задача да го води составот на Струга  и да помогне стружани да го вратат ракометот во својот град на старите патеки.