Селекторот и тренерот на Македонија имаа дуел, победник немаше

Вчерашниот дуел меѓу Вардар и ПСЖ одигран на турнирот во Стразбур донесе интересен двобој меѓу тимовите кои пред во 2017 година играа во финалето од Лигата на шампионите, а годинава во мај се пресметаа во битката за 3. место. Овој пат дуелот имаше и поинаква димензија.

300x250

Раул Гонзалес, поранешниот тренер на Вардар сега е во тимот на ПСЖ. Откако првиот ден ПСЖ го надигра Мешков Брест, наиде на силен отпор на „црвено-црните“. Тоа беше прва средба за Раул против својот поранешен клуб и секако дека не беше лесно да се биде на теренот против голем дел од ракометарите со кои освојуваше титули во минатите неколку години.

На клупата на Вардар е Роберто Гарсија Парондо, тренер кој пред неколку дена ја освои првата титула со „црвено-црните“ во Супер купот на Македонија. Овој резултат против ПСЖ кога во тимот ги немаше Вуко Борозан и Игор Карачиќ, а во второто полувреме и повредениот Стојанче Стоилов е доказ дека одлично се работело за време на подготовките.

Кога ќе се спојат Раул и Парондо тогаш се добива тандемот од репрезентацијата на Македонија. Тоа се селекторот и неговиот помошник, а резултатот 33:33 покажува дека двајцата се во одлична форма за подготвување на своите екипи и одлично знаат како треба да се води составот во битката за добар резултат.

Ова секако може да ги радува сите притоа тука сметајќи и на Вардар и на репрезентацијата на Македонија, па може да се очекува дека и новата сезона ќе биде интересна и ќе донесе добар ракомет.