Седуммина вардарци ќе играат во четири различни селекции на ЕП

Седум ракометари на Вардар ќе бидат дел од Европското првенство во Хрватска. Тука е и тренерот Раул Гонзалес, а ова го прави Вардар еден од клубовите со најмногу ракометари на шампионатот.

300x250

Ракометарите се распоредени во четири селекции, а доколку Вуко Борозан не се повредеше тогаш бројката ќе беше поголема и секако ќе имаше пет селекции.

Тука треба да се напомене и дека уште по двајца ракометари во Србија и во Шпанија беа на поширок список така што Вардар можеше да има многу повеќе учесници на овој шампионат доколку сите беа подготвени за игра.

Македонија

Во редовите на Македонија има двајца ракометари од Вардар. Тоа се капитенот на „црвено-црните“, Стојанче Стоилов и десното крило Мартин Поповски.

Според она што се случуваше за време на подготовките се очекува Стоилов да биде прв избор на пикерската позиција, но и да има голема улога во одбраната. Поповски веројатно својата шанса ќе ја чека од позадина, но ќе мора да биде подготвен во секој момент да одговори со оглед на тоа што има силна конкуренција во Гоце Георгиевски.

Од Вардар тука е и селекторот Раул Гонзалес кој после доброто финиширање во квалификациите сега ќе треба да покаже дека може Македонија да ја однесе до добри резултати и на завршницата. Како помошници ги има Парондо и Царчев коишто исто така работат во екипата на Вардар.

Хрватска

Дури тројца ракометари коишто ги бранат боите на Вардар се најдоа меѓу најдобрите 16 на селекцијата на Хрватска. Сите ќе бидат денеска на теренот против Србија на отворањето на шампионатот.

Поранешниот селектор на Македонија и тренер на Металург, Лино Червар одлучи да ги вброи во тимот играчите коишто беа дел од Вардар во сите успеси во 2017 година. Тука се Лука Циндриќ, Игор Карачиќ и Иван Чупиќ.

Србија

Со оглед на тоа што Илија Абутовиќ не можеше да биде дел од ова првенство од приватни причини, а Страхиња Милиќ се повреди во репрезентацијата на Србија остана само еден ракометар кој го носи дресот на Вардар.

Се работи за пикерот Мијајло Марсениќ. Тој во отсуство на Растко Стојковиќ ќе биде првиот избор за оваа позиција на шампионатот.

Шпанија

Од тројцата Шпанци во Вардар само еден си најде место на Европското првенство. Тоа е Жоан Кањелас кој ќе биде еден од играчите кои ќе треба да помогнат и во одбраната и во нападот.

Селекторот одлучи дека Штербик ќе остане во резерва со оглед на тоа што има многу квалитетни голмани, а истото важи и за Македа кој не доби шанса во конкуренција со Душебаев и со Гурбиндо.