СЕДМЕРЕЦ: Кој сака да биде селектор?

„Ел команданте“ само што ја раздолжи опремата, а веќе има(ше) подолг список на заинтересирани кандидати за нов селектор на Македонија

1.Вонредни селекторски избори

„Еве, само на масава има тројца потенцијални селектори…“ , рече Гино Стрезовски, во емисијата на МТВ во која заедно со Зоран Кастратовиќ и со Данило Брестовац го анализираа настапот на македонската репрезентација два дена по завршувањето на СП. Повеќе од искуство отколу „на случајност“, професорот го најави текот на настаните и новите „вонредни селекторски избори“ во Македонија.

Шест дена подоцна, стигна и официјалното соопштение од РФМ дека „македонската куќа на ракометот и селекторот, Раул Гонзалес взаемно се спогодија да ја прекинат соработката“.

Само неколку часа потоа, веќе почнале да ѕвонат телефоните и да се „полни“ списокот на кандидати за 24-от селектор на машката ракометна репрезентација на Македонија.

Сатусот што го носи селекторската позиција, професионалниот однос и финансиската стабилност на РФМ, рејтингот и континутетот на македонската репрезентација на големите натпреварувања, но и популарноста на ракометот во Македонија и медиумска присутност 365, а не само 15 дена во јануари, се и тоа како „погодни и привлечни“ за многу тренери.

Ако се суди според „неофицијалните“ информации кои во ракометните кругови обично имаат „висок процент“ на веродостојност, интерес за македонската клупа има „Од Шведска до Хрватска“.

За дома, не правиме муабет, се подразбира само по себе.

2.„Надворешни“ кандидати

РФМ за избор на новиот селектор, официјално ќе распише конкурс. Тогаш ќе бидат дефинирани барањата и условите, насоките и кандидатите. А, вообичаено, официјално-неофицијално, со време ќе биде познат и победникот. За едни спорно, за други легитимно, процедурата е таа, со временски теснец се да се заврши во најбрз можен рок бидејќи на 4/ 10 април македонската репрезентација под водство на новиот селектор треба да ги одигра двата квалификациски натпревари со Исланд.

Кој сè би сакал да седне на македонската клупа?

Многумина! Така велат…

Македонија последниве години е интересна дури и за скандинавците. Па така меѓу потенцијалните кандидати се споменува и името на поранешниот шведски селектор, Ола Линдгрен. Неодамна тој ја заврши тренерската епизода во Кристијанштад и е достапен за нов ангажман, а го исполнува условот „целосно да и биде посветен на репрезентацијата“, без клупска пречка.

Меѓу потенцијалните кандидати „пред конкурсот“ се споменува и Хрватот Ненад Кљаиќ кој на два пати беше селектор на Саудиска Арабија. Но, во македонската јавност познат и по една негова изјава кога беше тренер на Загреб и се пресметуваше со „цариникот“ Кире Лазаров, а која сега, девет години подоцна, баш и не и оди во прилог на неговата потенцијална селекторска кандидатура.

Во некои од балканските сценарија за македонската селекторска позиција како решение се споменува и Словенецот Бранко Тамше, на кого „маана“ во целата ситуација му е клупскиот ангажман во Загреб. Но, и враќање на Ивица Обрван кој сега е слободен, а како единствен од сите досегашни селектори што издржал повеќе од три години на македонската клупа, добро ни го знае табиетот и репрезентацијата и еднаш веќе нè извади во слична ситуација во „пет до дванаесет“ во квалификациите за ЕП 2014.

3.Македонец или странец?

Засега сè уште стои отворена и дилемата каков ќе биде идниот курс на РФМ, дали ќе продолжи практиката со ангажирање на звучни тренерски имиња од странство или пак по последните три искуства, македонската репрезентација одново ќе му биде доверена на македонски селектор.

Сè уште се поделени и мислењата и ставовите дали воопшто и треба да постои таква квалификација – домашен или странец во изборот на селектор. Декларативно, во преден план би требало да да биде стручноста и квалитетот. Сепак, не е ни така ретка практика, посебно во стабилните европски репрезентации, избор на домашен терен за реализација на долгорочните планови и стратегии во националниот тим.

Вообичаено, на тоа доаѓа реплика за реномето и квалитетот на нашите тренер во однос на странците, сомнеж во едните и глорификација на другите. Но, од друга страна пак, искуството ни покажа дека резултатски македонската репрезентација и не се офајди нешто многу од големите тренерски имиња што поминаа и заминаа во изминативе три децени.

Во македонската репрезентација процесот на подмладување е камен на сопнување, но во исто време и неминовност и реалност во секоја репрезентација па и кај нас. На таа заложба на РФМ за иднината на македонската репрезентација има(ше) отпор и кај селекторите и кај дел од искусните репрезентативци кои на крај на денот, сепак, тешко се откажуваат од „монополот“ со оправдување дека младите не се дораснати за да ги заменат. Токму во таа насока и држи определбата „А-селекцијата да има стратег кој секојдневно ќе биде посветен и во тек со сите збиднувања поврзани со репрезентацијата“. Или, преведено – селектор што ќе биде постојано тука и ќе го следи развојот на младите играчи и ќе ги инкорпорира во првиот тим. Систематски и во еден долгорочен процес. Како Кристијан Берге во Норвешка, на пример.

Кој може да одговори на таков предизвик од тренерите во Македонија?

Па, тројката од почетокот текстот, можеби пред сите други.

Зоран Кастратовиќ има искуство и квалитет да одговори на предизвикот, присутен е долго на македонската ракометна сцена, ги познава играчите и тие од старата и овие од новата генерација и сите прилики и неприлики во македонскиот ракомет. Може да има поддршка кај дел од играчите, но не и премногу силно лоби кај клучните фактори.

Професорот Гино Стрезовски два пати претходно веќе бил на клупата на македонската репрезентација. Тој ја предводи тренерската фела, секогаш бил на располагање за националниот тим, а според некои најави, има и поддршка од своите „додипломци“ и „постдипломци“ и за трет селекторски ангажман како преодно решение.

Од сите тројца, во јавноста сепак, како прв фаворит од „домашните“ се извојува Данило Брестовац. Како селектор на младинската и на кадетската репрезентација и актуелен тренер на Металург од каде доаѓа поголем дел од подмладокот, Брестовац ја има довербата од РФМ и можеби би бил и најлогичен избор во некој подолгорочен проект со фокус на иднината.

Така отприлика, стојат работите една недела по разделбата со Раул Гонзалес. На ваквите листи за селекторите од „селекторите“ кои во Македонија, нели ги има на претек, секогаш има уште по некој што може или што сака да биде селектор. А, никогаш не е исклучен и факторот – изненадување.

Сè за доброто на македонскиот ракомет!