Сега и официјално: Јагањац четири години во Нексе

Најдобриот стрелец во СЕХА лигата за минатата сезона, Халил Јагањац го напушта составот на Металург. Ноември ќе го започне во нова средина кај вицепрвак на Хрватска, Нексе. Трансферот веќе го објавивме, а сега дојде и официјална потврда за тоа. Управите на двата клуба најдоа заеднички јазик, а Јагањац со тимот од Нашице потпиша четиригодишен договор.

Во официјалното соопштение од хрватскиот претставник потенцираат дека се работи за огромно засилување за екипата, а првиот настап ќе го има веднаш по ЕХФ неделата. Хрватскиот репрезентативец се најде на списокот на селекторот Лино Червар по одличните партии за македонскиот вицепрвак.

Металург го замени Јагањац со словенецот Шпенде, но недостатокот на квалитетни решенија во ротацијата, само ја покажува состојбата на тимот од Автокоманда оваа сезона. Тренерот Брестовац најави и можни заминувања на уште неколку носители на играта.