Санталов за 24Ракомет: Преговорите продолжуваат, големи се шансите да дојдам во Вардар!

Младиот руски репрезентативец Дмитри Санталов гостуваше во Скопје со неговиот тим Чеховски Медведи и одигра натпревар против Металург во Лигата на шампионите. Санталов пред скоро една година беше најавуван како засилување во македонскиот шампион Вардар, но на крајот на минатата сезона тој негираше за руските медиуми дека сезонава ќе се пресели во „црвено-црниот“ состав.

Сепак преговорите продолжуваат и можеби од следното лето Санталов ќе се пресели во Скопје.

„Не сум го одбил Вардар, преговорите се уште се отворени“, вели корпулентниот лев бек за 24Ракомет.

Во Вардар моментално играат Тимур Дибиров, Сергеј Горбок, Дмитри Кисељов, Глеб Калараш и Данил Шишкарев. Сите му зборувале само во суперлативи за македонскиот тим.

„Сите ми кажуваат дека се работи за одличен тим и дека во Вардар се е убаво. Големите се шансите да се преселам во Скопје“, заврши Санталов во изјавата за 24Ракомет.

Корпулентниот лев бек кој има 196 сантиметри и 87 килограми располага со одличен шут од далечина. Има 22 години и беше младински репрезентативец на Русија на последното СП на кое Македонија го освои 6. место. Тој постигна 43 гола на тој шампионат и го сврте вниманието на себе.

Со игрите за Чеховски Медведи во минатите три сезони во Лигата на шампионите уште повеќе покажа дека се работи за голем талент кој може да израсне во еден од најдобрите леви бекови. Вардар би направил одличен потег со неговиот ангажман бидејќи ќе донесе играч кој ќе може заедно со Вуко Борозан да го торпедира голот од позицијата лев бек.