Сам против сите: Дибиров имаше гол-шоу и донесе бод за „зборнаја“ против Србија

Нашиот северен сосед имаше највисоки +3 во првиот дел, 6-3, но „зборнаја“ набрзина со головите на Тимур Дибиров од пенал се врати на 7-7. До крајот на првото полувреме најчесто се играше гол за гол и заврши 16-16.

Имаа момците на Ненад Перуничиќ и +4, 23-19, но ниту тоа не им беше доволно за да бидат сигурни во победата. Русија се врати на 24-24, потоа и двете селекции се менуваа во водството, но ниедна не поведе со повеќе од еден гол.

Во последните пет минути се влезе со нерешени, 27-27, а на две минути беше 30-28 за Србија. Неискуството си го направи своето, Дибиров погоди два пати во финишот и мечот заврши нерешено, 30-30.

Најдобри стрелци кај Русија беа Дибиров со 12 голови, Житников даде четири, Шишкарев три, Кисељов постигна два, додека Калараш беше стрелец на еден гол. Во српскиот национален тим Немања Илиќ погоди шест пати, а Стефан Вујиќ пет.

Двете репрезентации сега ќе мораат да ги победат Кореа и Бразил и да направат некое изненадување против фаворитите Франција и Германија за да бидат сигурни дека ќе минат во главната фаза.