Самсоненко: Давид Дејвис е новиот тренер на ЖРК Вардар

Редовната прес-конференција пред натпреварот од Лигата на шампионите меѓу ЖРК Вардар и Астроханочка, македонскиот првак ја искористи да го претстави новото решение на тренерската позиција во тимот. Како што веќе најавивме, сопственикот на спортското друштво Вардар, Сергеј Самсоненко пред медиумите го претстави Давид Дејвис како ново решение на кормилото на македонскиот првак.

Сергеј Самсоненко, сопственик на ЖРК Вардар:

Како што кажав последниот пат кога бевме тука ќе направиме напор да најдеме нов тренер. Ние активно работевме на тоа, во меѓувреме мислам дека работата на терен добро ја завршивме, затоа сакам да им се заблагодарам на Станковски и Кокшаров за својот придонес. Со Лајпциг одигравме добро, со Астоханочка можеби не изгледаше се така сјајно, но важно победивме и земавме важни бодови. Кога се вративме ја зборував со нашите тренери и најдовме решение. Тоа ќе биде најдобро решение за нашиот клуб, ви кажав и претходно дека Давид добро работеше со женската екипа и затоа сакам да ви го претставам новот решение на тренерската позиција Давид Дејвис. Тој започна да работи со екипата од понеделник, а ова е неговото официјално претставување.

Индира Кастратовиќ ќе биде дел од Вардар, таа од први ноември започна да работи во Академијата на Вардар.

Гордана Нацева, претседател на ЖРК Вардар:

Многу бргу го решивме проблемот со клучното место во тимот, на задоволство на сите Давид повторно се враќа во тимот. За нас е предност тоа што Давид веќе соработуваше со девојките и ќе се избегне периодот на адаптација. Му посакувам успех и се надевам дека со наша поддршка и со поддршка на девојките ќе ја оствари амбицијата на клубот. Се надевам дека сите заедно ќе успееме да го реализираме тоа што го зацртавме пред сезоната. Благодарност до навивачите на Вардар кои по подолго време направија убава атмосфера на последниот дуел во „Јане Сандански“ и ги повикувам да не поддржат и во сабота.