Саздовска: Сега сме поискусни и повозрасни, ќе го пренесеме искуството од клубовите во репрезентацијата

Денеска женската сениорска репрезентација на Македонија ќе го има првиот тест против репрезентација на Црна Гора. Иако гостинките се некомплетни, сепак ќе бидат одличен ривал пред јунскиот бараж.

Левото крило Јована Саздовска смета дека овие дуели треба да бидат искористени да видиме до каде сме и што треба да се поправи во играта.

„Црна Гора е одличен тест за нас, со кој можеме да видиме до каде сме во споредба со ривалите од прв ешалон, што треба да поправиме до јуни до наттпреварите со Словенија. На овие средби не е важен резултатот, колку што е важен тактичкиот дел. Секако дека ќе дадеме максимум и ќе го одиграме што го работиме во оваа и во претходните ЕХФ седмици“, вели Саздовска.

Таа сезонава играше во Лигата на шампионите со нејзиниот Турингер и има голема минутажа.

„Се надевам дека искуството од ЛШ ќе има позитивно влијание на моите перформанси на теренот додека играм за репрезентацијата. Различно согледување и искусување на играта, од различни агли и со различни ривали. Не само јас, туку и сите други девојки сега се поискусни и повозрасни, па секоја ќе го пренесе своето искуство на теренот“, вели Саздовска.

Денешната средба меѓу Македонија и Црна Гора се игра во Автокоманда со почеток во 17:00 часот.