РФМ потврди: Македонија и Словенија здружени ќе бараат организација на ЕП

По објавата во регионалните медиуми за идејата за заедничка организација на сениорските Европски првенства во 2022 и 2024 година меѓу Македонија и Словенија, Ракометните Федерација на Македонија се јави со официјално соопштение во кое ја потврди подготвеност заедно со Словенија дa конкурираат за организација на сениорските машки Европски Првенства во 2022 и 2024 година.

Како што стои во соопштението, Ракометната Федерација на Македонија официјално ја испрати својата кандидатура до ЕХФ, а тоа ќе се очекува да го направат и останатите земји кои ќе конкурираат за организација на овие првенства. Од почетокот на 2018 година, ЕХФ ќе почне да ги разгледува сите пристигнати кандидатури, а конечната одлука ќе ја даде на Годишниот конгрес во Глазгов на 18 и 19 јуни 2018 година.

Ракометната Федерација на Македонија во последните години ужива огромна доверба од ЕХФ и ИХФ во однос на организација на настани од меѓународен карактер, за што потврдуваат честите беспрекорни организации на континенталните и светски собири во младинските категории, како и престижното признание за ТОП Организатор кое и беше доделено на Ракометната Федерација на Македонија од ЕХФ во 2015 година.

Конкуренти на Македонија и Словенија за машките сениорски Европски Првенства во 2022 и 2024 година, ќе им бидат Белгија/Шпанија/Франција, Чешка/Унгарија/Словачка, Данска/Германија/Швајцарија, Русија/Белорусија и Литванија за ЕП 2022, односно Чешка/Унгарија/Словачка, Данска/Швајцарија, Германија и Литванија за ЕП 2024 година.