Русија ќе бара најмалку едно место во СЕХА од следната сезона!

Регионалната СЕХА лига од оваа сезона ќе има 12 тимови, но нема да има пренатрупан календар за екипите што играат на повеќе фронтови. Екипи од повеќе земји посакуваат учество во оваа конкуренција, а следната сезона СЕХА ќе биде на голема мака. Со оглед на тоа што Лигата на шампионите ќе брои помалку тимови и потешко ќе се стигнува до неа, повеќе тимови од регионот силни натпревари би можеле да имаат само преку овој регионален шампионат.

Претседателот на руската ракометна федерација, Сергеј Шишкарев, во интервју за рускиот „Брз Центар“, вели дека идејата за руски клуб во СЕХА не е нова, и дека очекува најмалку еден тим од најголемата европска држава во овој шампионат.

„Јас гледам позитивно на таа идеја. Тоа може да биде важно за секој руски клуб. Друга работа е што учеството во таков проект поради тешката логистика е поврзано со сериозни финансиски трошоци. Но, според мое мислење, во лигата чиј генерален спонзор е Гаспром, мора да учествува најмалку еден руски клуб. Особено од следната година, кога формата на Лигата на шампионите ќе се промени. Очигледно, таму нема да имаме руски клуб и треба да бараме нов формат за редовни дерби средби кои ќе помогнат да се крене нивото на рускиот клупски ракомет, достојно за враќање на европскиот врв. СЕХА лигата со силни и реномирани учесници, со овој квалитет е совршена за нас“, вели Шишкарев.

Шампионот Чеховски Медведи и второпласираниот тим Спартак Москва би биле најсериозните кандидати за место во СЕХА лигата догодина во нејзиното јубилејно десетто издание.