Русија – селекција на двометраши и стокилаши

Прв противник на Мундијалот на младинската репрезентација на Македонија ќе биде националниот тим на Русија. Иако како СССР има пет златни медали (плус два како Русија) во поновата историја, младинскиот ракомет е на дното на Мундијалите и на Европските шампионати. На пример на последното ЕП за играчи до 20 години, кое се одржа лани во Данска, беа на последното место, што придонесе за смена на селекторот Александер Алексиев, на чие место сега се наоѓа Степан Сидорчук.

Русија на Мундијалот се пласира како победник во квалификациската група 1, каде забележа три победи. Над Латвија со 26:20, потоа над Италија со 36:22, а најтешко беше против Холандија, но „зборнаја“ славеше и на тој дуел со 31:30. Во селекцијата на Русија има петмина ракометари кои се високи 2 метри или повеќе, и уште толку кои се над 195 цм, па македонската одбрана ќе има тешка задача, а нападот уште потешка кога ќе треба да напаѓа на 6-0 одбрана.

Клучни играчи во руската репрезентација се левиот бек Дмитри Санталов, кој веќе игра и во Лигата на шампионите за тимот на Чеховски Медведи, десниот бек Руслан Дашко од истиот тим, а не смее да се заборави на опасното десно крило Тимофеј Маслеников, кој знае да реализира и од најтешки ситуации. Мечот меѓу Македонија и Русија се игра денеска со почеток во 15 часот.