Русија ги испоти Французите, но остана без бодови

Репрезентацијата на Русија испушти шанса за уште еден одличен резултат во првата фаза на Мундијалот, но затоа успеа да го намачи составот кој ја брани титулата. „Зборнаја“ против силната Франција играше рамноправно 60 минути, но на крајот мораше да се помири со минимален пораз од 22:23.

Момците предводени од Едуард Кокшаров беа одличен противник и ја имаа предноста низ речиси целиот натпревар. Тие, мечот го отворија со 3:0. Французите, експресно се вратија, а до прво водство на натпреварот дојдоа во 15. минута преку Мелвин Ричардсон. Останатите петнаесетина минути поминаа во израмнета игра, па таков беше и резултатот по првите 30 минути, 12:12.

Русија го отвори подобро и второто полувреме. Стигнаа до четири гола предност во 43. минута и така си обезбедија позитива која не успеаја да ја задржат. Франција одлично возврати на руската иницијатива и со серија од четири гола во последните четири минути се закити со победа и прво место во групата.

И покрај тоа што често промашуваше, Кентин Махе се покажа како херој бидејќи беше стрелец на последните два гола од вкупните три со кои донесе победа за својата држава. Најдобар стрелец беше Мелвин Ричардсон со четири. Русија, како најрасположен за игра го имаше Александер Шкурински кој постигна четири голови. Димитри Кисељев и Тимур Дибиров не беа на своето ниво, а мечот го завршија едниот со два, а другиот со еден гол, додека Даниил Шишкарев не одигра ни една минута.

Кои селекции одат во следната фаза од оваа група беше јасно и претходно. Сосема извесно беше дека Франција, Германија и Бразил се селекциите кои ќе разигруваат за највисок пласман.