Роберто Парондо: Карачиќ и Борозан може да играат против Железничар

После победата против Металург на стартот од сезоната во СЕХА-лигта ракометарите на Вардар се пред дуелот од 2. коло на кој утревечер од 20:15 часот се среќаваат со составот на Железничар кој е предводен од страна на Веселин Вујовиќ.

Вардар е одново домаќин, а ова ќе биде максимално интересен натпревар бидејќи во Скопје доаѓа миленикот на публиката.

„Очекувам да одиграме подобро отколку на средбата од 1. коло. Се обидуваме да ја креваме формата и одиме од коло во коло. Ни се наближува почетокот на Лигата на шампионите и овие средби треба да ги искористиме за да можеме на тие средби да покажеме далеку подобра игра“, коментираше Парондо пред натпреварот против Железничар утревечер.

Тој очекува да има повеќе конкуренција во тимот односно да ги има во комбинација и дел од повредените ракометари. Тука се пред сè Карачиќ и Борозан кои не настапија против Металург.

„И понатаму сме во потрага по голман и очекувам тоа прашање да се реши брзо. Што се однесува до настапот на Игор Карачиќ и Вуко Борозан ситуацијата е поинаква. Тие се чувствуваат подобро и доколку денеска добијат дозвола тогаш може утре и да добијат шанса за да играат против Железничар“, изјави Парондо.

Средбата која ќе се одигра утревечер во СЦ „Јане Сандански“ ќе биде можност за вториот триумф на Вардар сезонава во СЕХА, а на овој меч влегува со улогата на фаворит.