Роберто Парондо: Барселона игра подобро од лани, но подготвени сме за сè

Вардарци в недела го играат мечот од 7. коло во Лигата на шампионите, а средбата против Барселона почнува од 17 часот.

Ракометарите се во полн тренажен процес и сите се подготвени за настап така што Парондо ќе го има најсилниот состав.

„Сите сме возбудени поради тоа што ни доаѓа Барселона, која  е одличен тим. Секогаш кога доаѓа трибините се исполнети до последно место и очекувам одлична поддршка од трибините и одлична атмосфера. За квалитетот на Барса не треба многу да се зборува. Тоа е тим кој секогаш е на ниво на задачата и претендира кон пласман на Ф4 во Келн. Барселона сезонава игра подобро од лани и сигурно ќе не очекува тежок и неизвесен натпревар. Нашата екипа е подготвена. Тренираме одлично и подготвени сме за овој натпревар“, коментираше Парондо.

Тој во својата кариера настапувал и како играч и како тренер против Каталонците, а вели дека ова ќе биде натпревар со сосема поинаков карактер.

„Натпреварите како играч и како тренер против Барселона се сосема различни. Имам многу како играч против барселона сега ќе биде нов вид на средба. Ќе има многу тактика. Барса има играчи кои играат добро во двата правци. Мораме да одиграме интензивно и да се бориме максимално и нијанси ќе го одлучат победникот“.

Во однос на тактиката за дуелот в недела тој подготвува нови моменти.

„Како и против сите ривали се подготвуваме исто, со мали модификации. Ќе се потрудиме да направиме нешто ново, но тоа ќе се види на теренот“, коментираше Парондо.

Минатото коло Парондо славеше над неговиот некогашен учител, а сега може да покаже дека и против своите сонародници може да дојде до нов триумф.