Ристовски: Не смееме да и дозволиме на Романија да се понадева на пласман на СП

Македонската сениорска машка репрезентација пристигна во Клуж каде ги одработува и последните тренинзи пред вториот бараж натпревар против Романија.

По натпреварот во Скопје и победата со осум голови позитива,момците на Раул Гонзалес се на добар пат да обезбедат нов пласман на големите натпреварувања, но за тоа ќе биде потребна максимална концентрација и одлична игра и на натпреварот во Клуж.

Голманот Борко Ристовски кој одигра одличен меч во Скопје, смета дека нашата репрезентација уште од самиот старт  треба да влезе максимално во натпреварот не дозволувајќи им на домаќините во ниту еден момент да се понадеваат на позитивен резултат.

“Треба да се однесуваме како да немаме никаква предност на наша страна, и да ако ништо друго барем во првото полувреме да излеземе сериозни на паркетот. Не смееме да им дозволиме на Романците да направат некоја поголема разлика, а со тоа и да се надеваат дека имаат некои шанси да ја стигнат нашата позитива од првиот натпревар. Мораме да бидеме најсилни на почетокот на натпреварот, искусно да го приведеме кон самиот финиш и доколку ни се укаже можност и да стигнеме до победа”.

Ристовски многу добро го познава романскиот селектор Чави Пасквал, но смета дека Романија не може да понуди ништо ново со што би ја изнадила нашата репрезентација.

“Мислам дека не можат нешто многу да променат во играта бидејќи фондот на ракометари е тој, но сигурно се очекува поголема ефикаснот од нивните бекови за разлика од натпреварот во Скопје. Се надевам дека нема да им се исполни желбата, познавајќи го Пасквал мислам дека ќе продолжи со играта седум на шест, барем на почетокот ќе проба да види како ќе оди и доколку биде се ок ќе продолжи со таа игра. Сепак морам да напоменам дека и ние добро се подготвуваме за таа игра па на крајот ќе видиме како ќе биде”-заврши Ристовски.