Ристовски: Знаеме што играме, знаеме што сакаме!

Некои го оспоруваат, некои го обожуваат, а тој секогаш без влакна на јазикот кажува што мисли. Одлично раководеше со одбраната, имаше и повеќе од добри „пет минути“. Бранеше во стил, повремено ќе погледнеше нагоре и ќе се мотивираше за уште една добра одбрана. „Министерот“ Борко Ристовски не е за фрлање, не е ниту „емотивно испразнет“. Докажа и покажа дека може, знае и сака да покаже во дресот на Македонија. Двоцифрен број на одбрани против Чешка, победа од 33-20 потврдувајќи го местото на ЕП 2018 година.

Секој може да има лош ден, но секогаш пресуден е квалитетот.

„Кога некој има квалитет, има. Квалитетот секогаш треба да го цениме, затоа што се бројат на прсти луѓето односно играчите што играат низ Европа. Тоа треба да се почитува, без ралзика дали некој има добар или лош ден. Сите имаме право на лош ден. Слушнав доста критики и за Манасков, и за Георгиевски по мечот со Украина, но тие што критикуваат се неостварени луѓе. На клупски план имаме европски првак, на репрезентативен план сме одлични, мислам дека треба повеќе да се цениме себе и да размислуваме европски.“ – изјави Ристовски.

Голманот на Барселона вели дека во првиот дел Македонија играше во грч, но дека во вториот го покажала вистинското лице.

„Се виде разлика во однос на првиот натпревар кој го одигравме во Чешка. Во првото полувреме игравме малку во грч, малку не кочеше она сознание дека веќе сме на ЕП, малку и ги потценивме, а тука беше и желбата да се покажеме во добро светло пред домашната публика. Но, во вториот дел одигравме квалитетно и во одбрана и во напад и тоа даде резултат. “ – продолжи Борко.

Борко направи и споредба меѓу Лино Червар и Раул Гонзалес, и откри дел од подготовките за првиот дуел со Чешка, кој Македонија го загуби убедливо.

„Сега на клупата имаме човек кој објаснува доста смирено, го разбира ракометот и во секој момент знае што сака со нашата одбрана и со нашата репрезентација. Не секогаш ќе излегува на добро, нема секогаш да победуваме, но знаеме што сакаме. Како споредба, можеби ќе звучи смешно. Ние за натпреварот со Чешка на гостински терен кој го загубивме се подготвувавме гледајќи видео снимка од дуелот Металург и Монпелје. Јас не знам како се подготвува репрезентација за дуел со Чешка со таков меч. Разликата е огромна од секој аспект и гледате дека во ниту еден момент ниту во Украина, ниту сега, немаше нервозни реакции и критики од Раул и целиот стручниот штаб, сите грешевме, но тоа е разликата е кога имаш поддршка цело време и знаеш што сакаш да постигнеш. Тоа успева да го извади максимумот од сите нас.“ – вели Ристовски.

Оваа генерација предводена од Кире Лазаров, ќе има настап на уште големо натпреварување, а тоа ќе биде ЕП во Хрватска.

„Знаеме што играме, знаеме што сакаме. Не сме Шпанија, Германија или Франција, но против секого можеме да играме и со секого да се надигруваме. Мислам дека не сме го кажале последниот збор. Новите играчи добиваат минутажа и доверба и во иднина ќе бидат уште подобри. Видовте дека владее позитивна енергија меѓу сите нас, и тоа е вистинскиот правец по кој ќе се движиме.“ – заврши Ристовски.

Македонија по 10. пат ќе игра на едно големо натпреварување. На 23 јуни во Загреб е ждрепката за групите од ЕП, а нашата репрезентацијата треба да биде во вториот барабан.