Ристовска најдобар стрелец, Серафимова најдобар голман, Лакрабер МВП на финалето

Ракометарките на Вардар очекувано славеа во финалето на Купот на Македонија над Металург со 46:19 и ја освоија петтата титула во ова натпреварување. Немаше никакви дилеми околу победникот ниту пред натпреварот, а тоа се покажа и на теренот.

По доделувањето на трофејот и преодниот пехар, беа доделени и индивидуалните награди. За најдобар стрелец беше прогласена Сара Ристовска со 24 голови, (17 против Гевгелија, 7 против Металург), а за најдобар голман беше прогласена Матеја Серафимова која имаше двоцифрен број интервенции и во полуфиналето и во финалето. За МВП, односно најкорисен играч на финалниот натпревар беше прогласена десниот бек од Франција, Александра Лакрабер.