Ристовска и Крим со херојско реми кај Подравка

Словенечкиот првак Крим Меркатор каде што настапува македонската репрезентативка Сара Ристовска, одигра реми во третото коло од Лигата на шампионите на гостувањето кај големиот ривал Подравка во Копривница, 27-27.

Во првите петнаесетина минути се играше гол за гол, 7-7, пред да почнат грешките во нападот на Крим, а домашниот тим тоа го казни и со головите на одличната Чигиринова и поранешната вардарка Ихнева се одлепи на 11-7. Избраничките на Урош Брегар намалија до крајот на полувремето дел од негативата и на пауза се замина со 15-13.

На стартот на вториот дел домашните ракометарки ја одржуваа предноста од полувремето, а повторно ги вратија +4 преку Ихнева во 48. минута. Беше и 24-20, Крим преку Мавсар се врати на 24-23, но Подравка пак отиде на +3, 27-24 и оттогаш не постигна ниту еден гол до крајот.

Екс вардарката Мавсар од пенал, намали на 27-26, а Станко која имаше лоша шутерска вечер на дваесетина секунди до крајот искористи еден пропуст на домаќинките и погоди за 27-27. Подравка имаше последен напад, но не реализираа и мечот заврши нерешено.

Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Чигиринова со пет, како и Милосављевиќ и Ихнева со по четири, додека кај Крим се истакнаа Мавсар со десет и Станко со пет голови. Македонската репрезентативка Ристовска беше стрелец на еден гол. Во следното коло Крим ќе се соочи со Подравка, но овојпат во Љубљана.