Рекордерите кои и оваа година ќе го нападнат ЕХФ купот

Екипата на Гепинген е рекордер кога станува збор за ЕХФ куп натпреварувањето. Германскиот состав досега има освоено четири титули во ова натпреварување, а годинава ќе атакува на петтиот шампионски трофеј.

300x250

“Без разлика во каква форма играат во Бундес-лигата, кога ќе дојде ЕХФ купот тие играат најдобро”- се зборовите на поранешниот тренер на оваа екипа-Владимир Петковиќ, кој сега ќе биде на чело на Фуксе Берлин, кој ќе биде противник на Гепинген во полуфиналето на ЕХФ Ф4 турнирот во Магдебург, како реприза на минатогодишното финале.

Гепинген е екипата која ја има комплетната доминација во ЕХФ купот откако четири пати се искачи на победничкиот пиедестал ( во стариот формат во 2011 и 2012 под водство на Петковиќ) и последните две сезони (2016, 2017 под водство на Магнус Андерсон). Веднаш зад нив со по три освоени титули во ова натпреварување се исто така германски екипи, Кил и Магдебург, кој ќе биде домаќин на овогодинешното издание на ЕХФ Ф4 турнирот.

Покрај рекордниот број на освоени титули во ова натпреварување, ракометарите на Гепинген држат уште неколку рекорди во ЕХФ купот. Овој германски состав е непоразен уште од 2016 година, период во кој има забележано 21 победа и еден нерешен резултат. Гепинген победи на сите натпревари во групната фаза во сезоната 2016/2017 и 2017/2018, во кои влегуваат и двете доминантни победи против Шамбери во четвртфиналето.

Меѓу другото Гепинген е и првиот тим кој во новиот формат на ЕХФ Купот успеа да ја одбрани освоената титула ( 2016 и 2017 година).
Интересен податок е информацијата дека последниот пораз во ЕХФ купот актулниот бранител на титулата го има во сезоната 2015/2016 и тоа во Магдебург 29-27, кој ќе биде домаќин на овогодинешното издание на ЕХФ купот.

Гепинген ги загуби двата натпревари против Фуксе Берлин во Бундес-лигата, но тренерот Ролф Брак е самоуверен најавувајќи дека го знае рецептот за триумф.

“Знаеме што треба да промениме и тактики да го изненадиме Фуксе Берлин”- изјави Брак, кој ја презема екипата во септември 2017 година откако беше на чело на селекцијата на Швајцарија.

Според Брак, Магдебург ќе ја има предноста на домашниот терен, додека пак Фуксе Берлин е најсилен според ракометните имиња.

“Благодарение на домашниот терен, Магдебург е фаворит. Ако гледаме според играчкиот кадар, Фуксе Берлин е најдобар. Сепак, ние го имаме искуството и знаеме како да да победиме во ЕХФ купот. Се надеваме дека ќе играме повторно во финалето-изјави Брак.

Ф4 турнирот на ЕХФ купот ќе се одигра овој викенд (19 и 20 мај) во Магдебург.
Полуфиналните дуели ќе се одиграат на 19 мај, а првиот полуфинален дуел кој ќе стартува од 14 часот и 45 минути ќе го отворат екипите на Сант Рафаел и домаќинот Магдебург. Второто полуфинале ќе започне во 17 часот а во него ќе се сретнат Гепинген и Фуксе Берлин.

Во недела (20 мај) е предвидено да се одигра натпреварот за третото место ( 12:45 часот) а големото финале е закажано за 15:15 часот.