Регионална лига: Вардарки не беа убедливи, но успеаја да победат

Во деветтиот меч сезонава во Регионалната лига екипата на Вардар дојде до победа од 27:26 против тимот на Будуќност со што само ја продолжи одличната серија. После ремито во Скопје кое го имаа овие две екипи сега победата му припадна на Вардар, а ова беше осми триумф во ова натпреварување за „црвено-црните“.

300x250

Ракометарките на Вардар влегоа подобро во средбата. Успеаја први да поведат со 1:0, а овој гол предност беше доволна позитива за „црвено-црните“ постојано да имаат водство. Будуќност успеваше да израмни, но не можеше и да направи пресврт.

Играта гол за гол траеше постојано во првиот дел. Вардар постојано беше тимот кој поведуваше, а Будуќност брзо израмнуваше. Имаше брза игра и на двете страни, а тоа носеше и голем број на грешки така што не само головите туку и грешките беа еднакво распоредени во двата табори.

Таквиот тип на игра донесе резултат од 13:14 на одморот, па немаше многу простор за мирен почеток на вториот дел.

Вардар успеа првпат да поведе со два гола на стартот на вторите 30 минути. Сепак, оваа предност не беше и дополнително зголемена бидејќи Будуќност успеваше да се врати во игра. Домашните израмнија на 18:18, а потоа дојде конечно до мал притисок во нападот од Вардар. Прво дојде до 20:18, а потоа ги одржуваше овие два гола и во следните неколку минути.

Конечно три гола беа обезбедени при 23:20, а откако Будуќност немаше прецизно изведен напад и шутот заврши покрај голот Барбара Лазовиќ донесе нов погодок и вардарки првпат стигнаа до плус четири и водеа со 24:20. Поддршката од голманите на овој дуел не беше на нивото на кое е навикнат Вардар, па тоа влијаеше и на резултатот. Затоа четири гола предност брзо се стопија и Будуќност брзо намали на 22:24.

Грешките коишто ги имаше и во продолжение од страна на ракометарките на Будуќност брзо го вратија водството на Вардар од четири гола, па она што се појави како проблем во претходните напади беше поправено и Вардар имаше 26:22.

Кога се очекуваше екипата на Вардар да го донесе овој меч со убава предност до крајот, дојде до засилување на темпото на домашните, па тие со три гола во серија стигнаа до 26:27. Будуќност имаше два напади и за нерешен резултат, но немаше реализација.

Последниот напад заврши со одбрана на Суслина, па победата му припадна на тимот на Вардар кој уште еднаш покажа дека сезонава немаше конкуренција во Регионалната лига.

Ова беше осма победа во деветтиот меч, а утре следува дуел против Крим за затворање на сезоната.

БУДУЌНОСТ – ВАРДАР                26:27 (13:14)

Сала: СЦ „Верде Комплекс“ во Подгорица. Гледачи: 500. Судии: Иван Павичевиќ и Милош Ражнатовиќ од Црна Гора. Делегат: Небојша Вујисиќ од Црна Гора.

БУДУЌНОСТ: Зокби де Паула, Мариновиќ, Ујкиќ, Конатар 1, Јауковиќ 7, Плетикосиќ, Ласло 1, Годеч, Премовиќ 1, Брновиќ 2, Булатовиќ, Бабовиќ, Павичевиќ, Раичевиќ 11, Грбиќ 3, Новаковиќ.

Седмерци: 3/5, Исклучувања: 10 мин.

ВАРДАР: Лејно, Суслина, Радичевиќ 2, Кликовац, Саздовска, Кузнецова 2, Бајрамоска, Лазовиќ 5, Пенезиќ 7, Керамичиева, Чанаџија, Хмирова 1, Цвијиќ 2, Лекиќ 6, Петровиќ, Ристовска 2.

Седмерци: 5/8, Исклучувања: 12 мин.