Рајн Некар потпиша со нов играч: Киркелоке ќе го менува Липовина од следната сезона

Данскиот интернационалец Никлас Киркелоке потпиша двегодишен договор со тимот на Рајн Некар Левен, кој стапува на сила од следната сезона и би требало да остане во друштвото на „лавовите“ до 2021 година.

Тој ќе дојде на местото на црногорскиот репрезентативец и поранешен играч на Металург, Владан Липовина, кој се чини дека не ги оправдува очекувањата на тимот од Манхајм и нема да му биде продолжен договорот.

Киркелоке има 24 години, во моментов игра во тимот на ГОГ Гудме, а доколку данскиот претставник се падне во групата од ЕХФ Купот против Еурофарм Работник, ќе имаме можност да го гледаме и во Македонија.

Во 2013 година, Киркелоке беше дел од Ол-стар тимот на кадетското СП, има освоено и сребро со младинската репрезентација на СП во Бразил 2015 година, а за сениорската репрезентација има досега одиграно 16 натпревари, на кои има постигнато 25 голови.