Рајн Некар и Талески останаа со празни раце: Фленсбург е нов шампион на Германија (ВИДЕО)

Екипата на Фленсбург е нов шампион на Германија, откако денеска во рамките на последното коло од Бундес-лигата славеше над Гепинген со 22-21.

Ракометарите на Фленсбург го искористија подарокот од Рајн Некар Левен кој до последните неколку кола беше лидер на табелата , но потфрлија во финишот на сезоната и практично му ја подарија титулата на Фленсбург.

Во пресрет на последното коло Фленсбург влезе со предност од еден бод над “лавовите”, која успеа да ја одбрани и во последните шеесетина минути од сезоната.

Рајн Некар денеска извојуваше пирова победа над Лајпциг со 28-25, која беше недоволна поради триумфот на Фленсбург над Гепинген со 22-21.

Со овој триумф Фленсбург запре двегодишната доминација на Рајн Некар Левен, и стигна до својата втора титула шампион на Германија.

фото и видео: Фленсбург/фејсбук