Рајн Некар ги „капариса“ Абутовиќ и Македа

Од следната сезона Вардар веројатно ќе биде ослабен за двајца играчи од сегашниот шампионски тим. Илија Абутовиќ и Хорхе Македа се на мета на германски Рајн Некар. Еден од најдобрите дефанзивци во Европа, Абутовиќ повеќе од сигурно е дека кариерата ќе ја продолжи во Германија. Останува само договарање на деталите околу обештетувањето што би требало да се плати за него.

По освојувањето на европската титула во јуни во Келн, и одличниот почеток на оваа сезона во која Вардар е еден од ретките тимови без пораз, не само во ЛШ, туку и во СЕХА Газпром лигата, многу менаџери и клубови се во трка за добивање на наклонетоста и потписот на некој од играчите на „црвено-црните“.

Откако ссопственикот на клубот Сергеј Самсоненко, прво објави повлекување, а потоа им соопшти на играчите дека останува со нив тргнаа и лавината на шпекулации за заминувања. Арпад Штербик веќе потпиша за Веспрем, и тоа пред неколку седмици. Тренерот Раул Гонзалес исто така е на мета на клубови, а во игра е ПСЖ кој веќе има сериозни контакти со Шпанецот.

Во игра за Абутовиќ е и Кил, но Рајн Некар е поупорен во својата намера, има и повисоки амбиции во ЛШ и германското првенство, па затоа и имаат предност. Илија Абутовиќ кој токму во Вардар ги одигра најдобрите партии во кариерата и ги постигна најголемите резултати има договор со „црвено-црните“, но Германците се подготвени да платат соодветно обештетување за еден од најдобрите дефанзивци во Европа.

Двајцата вардарови играчи имаат понуди на маса за кои треба брзо да размислуваат и да решат што понатаму.

Хорхе Македа во Вардар дојде од Нант, но сезонава игра во одлична форма и веднаш се најде во тефтерот на Николај Јакобсен, тренерот на Рајн Некар. Шпанецот се покажа како интересен и за неколку други клубови.

Вардар има одличен старт на сезоната со шест победи во СЕХА лигата, и четири триумфир и едно реми во ЛШ. Клубот има серија од десет натпревари без пораз во ЛШ, ја има најдобрата одбрана, а во СЕХА лигата покрај најдобрата одбрана им аи најефиксен напад. На последното рангирање на меди пулот на ЕХФ, вардарци се на самиот врв.