Раул: Ова ќе биде нешто ново за нас

Ракометарите на Вардар за првпат ќе стартуваат една евро сезона како шампиони. Македонскиот првак ќе се соочи против познати ривали во групната фаза. Барселона, ПИК Сегед, Кристијанштад, Загреб, Нант, Рајн Некар и Висла Плоцк се противници на избраниците на Раул Гонзалес

Во Скопје ќе гостуваат и тројца репрезентативци на Македонија, Борко Ристовски со Барселона, Филип Талески со Рајн Некар и Кирил Лазаров со Нант. За тренерот Раул Гонзалес ова е нов момент, кога треба да се одбрани освоеното. Досега вардарци ја имаа улогата на тим што „брка” титула, а сега треба да  се сочува.

„Мислам дека ќе биде извонредна сезона бидејќи сите екипи со кои ќе играме се многу добри и на одлично ниво, и доколку сакаме да имаме шанса мораме да играме добро. Сега не знаеме како ќе биде, но сигурно доста тешко, особено надвор од Скопје. Ние сме европските прваци и знаеме дека ќе имаме притисок, а тоа ќе биде ново за нас.“ –  изјави Раул Гонзалес по ждрепката.