Раул: Нападот ќе се покаже на следниот натпревар

Македонската репрезентација со победа стартуваше на Европското првенство во Хрватска. Во минатите четири настапи, секогаш сме биле поразени во првото коло, но и таа традиција сега е срушена, па Македонија забележа херојска победа над Словенија со 25:24, со што втората фаза ни е на дофат. Селекторот Раул Гонзалес, како и секогаш скромен во изјавите.

300x250

„Во првите петнаесетина минути игравме лошо, промашивме неколку ситуации. Потоа заигравме подобро, стигнавме до висока предност, но Словенија се врати и ни беше тешко. Сепак покажавме дека имаме квалитет кога беше најпотребно.“ – вели Гонзалес.

Следен противник на Македонија е селекцијата на Црна Гора, која загуби убедливо во првиот натпревар од Германија.

„Повеќе или помалку знаеме се за Црна Гора, но и тие знаат како играме ние. Германија има одлична репрезентација и ние нема да мислиме сега за нив, ќе се фокусираме на Црна Гора. Не сакам да кажам дека ќе победиме на сите натпревари и дека ќе пренесеме четири бодови во следна фаза. Црногорците имаат одлични играчи што играат во Бундес лигата како Липовина, Чавор, Вујовиќ.“ – продолжи Раул.

Раул вели дека одбраната на Македонија го добила овој натпревар, но дека и нападот ќе се покаже на следниот натпревар со Црна Гора.

„Никогаш не знаеш што треба да се промени. Мислев дека имаме добар напад, но сега излезе дека нашата одбрана е подобра од нападот. Веројатно затоа што и Словенија игра така. Голманот на Словенија беше одличен, но јас мислам дека на следниот натпревар и нашиот напад ќе се покаже.“ – заврши Раул.